Консолидиран текст 2021

 

ЗАКОН ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА СИСТЕМ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КВАЛИТЕТОТ И ЗАЕДНИЧКАТА РАМКА ЗА ПРОЦЕНА НА РАБОТЕЊЕТО И ДАВАЊЕТО НА УСЛУГИ ВО ДРЖАВНАТА СЛУЖБА

 

(„Службен весник на Република Македонија “бр. 69/13 и 193/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија “бр. 215/21)

 

Глава прва

ОПШТИ ОДРЕДБИ

 

Предмет на уредување на Законот

 

Член 1

Со овој закон се уредува воведувањето на системот за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба.

 

Член 2

Системот за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена во државната служба се засноваат врз меѓународни или македонски стандарди со кои се востановуваат посебни барања за системот за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба.

 

Цел на Законот

 

Член 3

Целта на овој закон е воведување на меѓународни или македонски стандарди на систем за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба за соодветната област со што ќе се обезбеди подобар квалитет на услугите во државната служба.

 

Поимник

 

Член 4

Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:

  1. Државна служба се органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот на Република Македонија и со закон (во натамошниот текст: органите);
  2. Управување со системот за управување со квалитетот претставува системски пристап кој ги конкретизира и реализира барањата за квалитетно планирање, спроведување, контрола и одржливост, како и постојано подобрување на работењето на органите;
  3. Меѓународните и македонските стандарди за системи за управување со квалитетот се стандарди со кои се дефинираат минималните услови потребни за квалитетно работење на органите;
  4. Системот за управување со квалитетот претставува реализација на меѓународни и македонски стандарди кои покриваат различни аспекти на управување со квалитетот и претставува инструмент преку кој се обезбедува остварување на надлежностите да бидат во согласност со барањата на корисниците за постојано унапредување на квалитетот на работењето на органите;
  5. Заедничката рамка за процена е заеднички Европски инструмент за управување со квалитетот во јавниот сектор со кој европските организации од јавниот сектор, преку методот на самооцена, со вклучување на вработените, подготвуваат план за подобрување на квалитетот на своето работење и
  6. Надворешна проверка на примената на заедничката рамка за процена е проверка извршена од надворешен проверувач за тоа дали процесот на самооцена бил добро спроведен, дали планот за подобрување ефикасно ги одразува заклучоците од самооцената и дали се преземени соодветните чекори за реализација на планот за подобрување.

 

Глава втора

ВОВЕДУВАЊЕ НА СТАНДАРДИ И ИНСТРУМЕНТИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КВАЛИТЕТОТ

 

Воведување на стандарди за управување со квалитетот

 

Член 5

(1)   Во органите, со цел за подобрување на управувањето со квалитетот во работењето и давањето на услуги, се воведува најмалку основниот стандард ИСО 9001, а во зависност од надлежностите на органите може да се воведат и други типови ИСО или македонски стандарди кои ќе го надополнуваат основниот стандард, а се однесуваат на спецификите на органите.

(2)   Ако органите имаат потреба на воведување на повеќе ИСО или македонски стандарди тогаш се пристапува кон воведување на интегриран систем за управување составен од повеќе ИСО стандарди каде што основата е ИСО 9001, а другите стандарди се во зависност од спецификите на органите.

(3)   Сертификационото тело кое ќе врши сертификација на органите мора да е акредитирано од Институтот за акредитација на Република Македонија согласно со прописите за акредитација.

(4) По исклучок од ставот (3) на овој член, сертификационото тело кое ќе врши сертификација на органите, а кое е основано во држава на Европскиот економски простор, не треба да е акредитирано од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија согласно со прописите од областа на услугите.

(5)   Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација донесува програма со приоритетна листа на органите од членот 4 став (1) алинеја (1) од овој закон за воведување на стандарди за управување со квалитетот.

 

Воведување на заедничка рамка за процена

 

Член 6

(1)   За подобрување на управувањето со квалитетот во работењето и давањето услуги во органите се воведува заедничка рамка на процена преку вклучување на вработените и самооцена, врз основа на насоки и упатства изготвени од Министерството за информатичко општество и администрација.

(2)   Министерството за информатичко општество и администрација е должно да ги објави насоките и упатствата од ставот (1) на овој член на својата веб страница.

 

Процедура за надворешна проверка на примената на заедничката рамка за процена

 

Член 6-а

(1)       За спроведување на надворешната проверка на примената на заедничката рамка за процена, органот избира двајца надворешни проверувачи од регистарот кој го води ресурсниот центар за воведување на заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба.

(2)       За надворешен проверувач може да биде избрано лице кое:

–  е запишано во регистарот на надворешни проверувачи,

– како консултант учествувало во имплементација на системот за управување со квалитет во најмалку еден орган и

–  не учествувало како консултант во имплементација на системот за управување со квалитет во истиот орган.

(3) Како надворешен проверувач во регистарот од ставот (1) на овој член, може да се запише лице кое има завршено обука организирана од ресурсниот центар, за што се стекнало со сертификат за надворешен проверувач.

(4) Надворешната проверка на примената на заедничката рамка за процена се спроведува во органот во соработка со надворешниот проверувач, преку анализа на сите материјали и документи кои произлегуваат или се од значење за системот за управување со квалитет.

(5) За спроведената проверка надворешните проверувачи подготвуваат извештај кој се презентира пред раководното лице на органот, а кој содржи:

–   процена на квалитетот на процесот на самооцена,

–  процена на степенот на реализација на препораките за подобрување од процесот на самооцена.

–  процена на степенот на реализација на принципите на извонредност,

–  препораки за подобрување на квалитетот во сите аспекти на работењето на органот и

– одлука дали органот ја има имплементирано заедничката рамка за процена на ефективен начин и дали треба да добие сертификат за „Ефективен корисник на заедничката рамка за процена “за следните две години.

(6) За спроведената надворешна проверка, секој надворешен проверувач има право на надомест во бруто износ од 300 евра во денарска противвредност, на товар на институцијата во која се врши надворешната проверка.

(7) Начинот и методологијата за спроведување на надворешната проверка, прашалниците за надворешна проверка, образецот за аплицирање за надворешна проверка, како и содржината на извештајот од надворешната проверка од ставот (5) на овој член, ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

 

Член 7

Органите средствата за воведување на стандардите и инструментите од членовите 5, 6 и 6-а од овој закон ги обезбедуваат од сопствениот буџет.

 

Контакт – точка и ресурсен центар за воведување на заедничката рамка за процена

 

Член 7-а

(1)       Министерството за информатичко општество и администрација претставува национална контакт точка и ресурсен центар за воведување на заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба.

(2)       Како национална контакт точка за координација и имплементација на заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба, Министерството:

– дава стручна поддршка на органите за имплементација на заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба,

–  се грижи за правилна имплементација на заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба,

–  промовира добри европски практики во употребата на заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба,

– воспоставува и води регистар на институции кои ја имплементирале заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба,

–  обезбедува поддршка на органите за примена на заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба и

– воспоставува и води регистар на сертифицирани обучувачи за заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба.

(3) Заради доследно спроведување на надворешната проверка, Министерството:

–   организира обуки за надворешни проверувачи и издава сертификат за завршена обука,

– воспоставува и води регистар на надворешни проверувачи кои завршиле обука и се стекнале со сертификат за надворешен проверувач,

– дава поддршка на органите за спроведување на надворешната проверка и

– издава сертификати за „Ефективен корисник на заедничката рамка за проценка “на органите кои успешно ја поминале надворешната проверка.

(4) Образецот и начинот на водење на регистрите од ставот (2) алинеи 4 и 6 и ставот (3) алинеја 2 на овој член, образецот на сертификатите од ставот (3) алинеи 2 и 4 на овој член, како и програмата за обука од ставот (3) алинеја 1 на овој член, ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

 

Координација на начинот на управување со системот за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена

 

Член 8

(1)   Владата на Република Македонија формира Координативно тело за управување со системот за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена на работењето и давањето на услуги во државната служба на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација.

(2)   Со Координативното тело од ставот (1) на овој член претседава министерот за информатичко општество и администрација.

(3)   Административно-техничките работи за потребите на Координативното тело од ставот (1) на овој член ги врши Министерството за информатичко општество и администрација.

(4)   Координативното тело најдоцна до 31 март во тековната година до Владата на Република Македонија доставува извештај за напредокот на воведувањето на стандардите за управување со квалитетот и заедничката рамка за процена за изминатата година.

 

Член 9

Во органите се утврдува работно место кое го координира процесот на воведување на стандардите и инструментите за управување со квалитетот.

 

Член 10

Органите го одржуваат воведениот систем на управување со квалитетот и заедничката рамка за процена согласно со воведениот стандард за управување со квалитетот.

 

Глава трета

НАДЗОР

 

Член 11

(1)   Државниот управен инспекторат врши инспекциски надзор над примената на овој закон.

(2)    Надзорот од ставот (1) на овој член го вршат инспектори согласно со закон.

(3)    Инспекторот ги има овластувањата утврдени со закон.

 

Глава четврта

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

 

Член 12

(1)   Глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на функционерот кој раководи со органот на државната служба, ако не се воведат стандардите и инструментите од членовите 5 и 6 од овој закон.

(2)   Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на лицето кое работи на работното место од членот 9 од овој закон, ако не преземе активности за воведување на стандардите и инструментите од членовите 5 и 6 од овој закон.

 

Член 12-а

(1)     За прекршоците утврдени во членот 12 од овој закон, управниот инспектор е должен на сторителот на прекршокот да му издаде прекршочен платен налог согласно со Законот за прекршоци.

(2)     Управниот инспектор е должен да води евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот на покренатите постапки.

(3)     Во евиденцијата од ставот (2) на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следниве податоци име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно претстојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог и за исходот од постапката.

(4)     Личните податоци од ставот (3) на овој член се чуваат пет години од денот на внесувањето во евиденцијата.

(5)     Формата и содржината на прекршочниот платен налог ги пропишува министерот за информатичко општество и администрација.

 

Член 12-б

За прекршоците утврдени со овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.

 

Глава петта

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 13

(1)   Постојните сертификациони тела кои вршеле сертификација до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат да ги вршат работите на сертификација доколку добијат акредитација од Инстиутот за акредитација на Република Македонија во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2)   Органите кои претходно се стекнале со стандардот ИСО 9001 се должни по истекот на рокот за кој се сертифицирани да извршат сертификација кај тело акредитирано од Институтот за акредитација на Република Македонија.

 

Член 14

Координативното тело од членот 8 став (1) од овој закон Владата на Република Македонија ќе го формира во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 15

Министерството за информатичко општество и администрација е должно насоките и упатствата од членот 6 од овој закон да ги изготви и објави на својата веб страница во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 16

Органите да ги усогласат актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

Член 17

Органите од членот 4 став (1) алинеја (1) од овој закон се должни постапката за стандардите за управување со квалитет од членот 5 од овој закон да ја започнат од 1 јануари 2014 година, освен министерствата кои постапката за стандардите за управување со квалитет од член 5 од овој закон се должни да ја започнат најдоцна до 1 јануари 2014 година.

 

Член 18

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, освен одредбите од членот 6 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 

 

ВАЖЕЧКИ ПРЕОДНИ ОДРЕДБИ ОД НОВЕЛИТЕ НА ЗАКОНОТ

 

 

  1. „Службен весник на Република Северна Македонија “бр. 215/21

 

Член 6

Членот 2 од овој закон, со кој во членот 5 по ставот (3) се додава нов став (4), ќе започне да се применува по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.

 

 

Page Reader Press Enter to Read Page Content Out Loud Press Enter to Pause or Restart Reading Page Content Out Loud Press Enter to Stop Reading Page Content Out Loud Screen Reader Support